Блог на една мајка

The Blog

На гости кај новороденче и тазе породена мајка


Овој текст го посветувам на сите оние кои не се оствариле во улогата на мајка, немаат искуство како е, а ќе одат во посета. За идните мајки да бидат подготвени што ги чека и да знаат дека не се сами во овие најтешки денови, а сепак и најубави. Доколку имате некој совет плус пишете ми во коментар на инстаграм или фб.

Мајката само што се вратила од болница, во Скопје тоа е втор или прв ден после пород. Мајката одвај оди, бебето уште не е адаптирано на овој свет, уште не знае да цица. Мајката посебно ако и е прво дете се навикнува во улогата на мајка, а ако е второ се навикнуваат сите на новиот член. На мајката првите денови хормоните и се буквално изреметени така да е емоционално нестабилна, може да се смее па наеднаш да плаче. Внимавајте што споделувате со нејзе. Имајте на ум дека деновите и поминуваат или во спиење или доење на бебето или подготовка на храна. Мајката нема време да спрема или да чека гости, да ви вари кафе кога ќе дојдете или да ве служи. Бидете минимално захтевни. Исто така не избегнувајте. а да не и кажете некој трач некој виц или нешто друго што не е поврзано со бебе или мајчинство. Напротив споделете ќе се израдува на момент ќе и се оттргне мозокот од секојдневието. Да почнеме.

Пред се бидете благодарни што ве примила да дојдете. Бидејќи јас не примав никој до Марта не наполни 40 дена. Но новороденче се нарекува до 3 месеци :).

1. Секогаш бидете смирени кога одите кај новороденче

Тој ден кога ќе одите во посета на новороденче па и на поголемко бебе, не одете по кафиња, кафани, места каде има многу народ, не бидете нервозни. Едноставно бидете со убава енергија. Бебињата се чуствуваат, доколку не сте со убава енергија кога ги посетувате,  може да се случи бебето да не спие, да плаче да е нервозно, после вашата посета.

2. Не носете бонбоњери, ова важи и за забавата наречена „мекици„.

Зашто на мекици да носите бонбоњери кога мајката не може да ги проба, добро за таткото се хахаха. Под бонбоњера мислам на се слатко, што е полно со шеќери, конзерванси и емулгатори. Секако тука спаѓа и храната која не е здрава и не е вклучена во исхраната на доилка. Посебно благото е забрането да се внесува првите 3 месеци кога мајката дои. А и да недои сигурно ќе сака што поскоро да симне килограми. Зашто да носите благи работи кои мајката не може да ги јаде него само да ги гледа, зашто да и правите искушение. Размислете за некоја подобра идеа, на пример да купите овошје (само не цитруси). Сега има и убави букети од овошје или зеленчук тоа би бил прав погодок. Повеќе инфо кај „Букет среќа„ . Кога одите на гости освен овошје и зеленчук може да пригответе некој ручек или супа (без многу зачини само со малку сол) мајката ќе ви биде благодарна. Информирајте се или прашајте ја мајката што јаде.

Вака прекрасно изгледа букет од овошје или зеленчук изработен по ваша желба. Мајката која ги изработува има завршено курс кај жената кои ги измислила овие изработки. Ова е посебна техника на изработка за да букетот изгледа убаво а притоа овошјето да остане здраво за конзумирање.  Повеќе на инстаграм @buket_sreka

3. Не го допирајте бебето

Ова важи за цело тело. Не само за глава него и да не му бакнувате рачиња или да му ги фаќате. Тоа потоа ќе ги стави во уста. Колку и да ви се измиени не го допирајте на гола кожа.

4. Не замерувајте доколку на мајката и е растурено

Не знам за другите, но јас првите 40 дена бев сама и цел стан ми беше лом едно ќе средев друго се растурило. Нормално ако никој не и помага на мајката да, не може да се досреди, па и да и помага на бебето секогаш му треба внимание од мајката. Затоа доколку не е средено може и да потсредите. Чим мајката ве примила дома кога бебето нема 40 дена значи ве чуствува блиска

5. Почитувајте го бебето

Не мора да го тормозите и гњавите доколку не е расположено. Обично новороденчињата и бебињата знаат кога ги држи мајката и се чуствуваат сигурно. А кога ќе ги земе друг уште немаат доверба и не знаат каде ќе ги фатите, дали ги држите сигурно… Затоа доколку новороденчето плаче дајте го на мајката.

6. Имајте осет

Не останувајте подолго од еден час. Сепак мајката треба да се одмори или да заврши некоја работа. И тој час што го одвоила со вас да седи е повеќе од доволно.

7. Не паметувајте

Доколку ве прашаат советувајте. Доколку не ве прашаат не се правете паметни да делите совети или да кажувате како вие мислите или сте чуле. Секако доколку ве прашаат за мислење може да одговорите. Дури и ако сте биле мајка, не наметнувајте го вашиот став. Секоја мајка има право да си го одгледа детето како таа мисли дека е најдобро. Исто така не коментирајте за грижата на мајката кон бебето.

8. Воздржете се од кажување лоши настани

Избегнете да споделувате лоши искуства или настани кои им се случиле на новороденчиња. Мајката и онака е целата во мисли дали добро го држи, дали доволно цицало, дали е најадено, да не има грчеви итн.

Доколку ви се допадна постот може да го споделите и на вашиот фб профил.

Автор: Мери Амбросова